Константин Кајшаров од мал го слушал Божјиот Глас, кој и ден денес го води во мисија и подвизи кои се несекојдневни и често необични, секогаш воден од Божјата рака. Како новородена личност во 2012 год. ги остава сите дотогашни методи на делување и јавно го признава своето посветување во христијанството, кое му носи многу непријатности и предизвици. Тој искусува лична средба со Господ Исус Христос, која се изразува со радикален прекин на неговиот дотогашен начин на живеење. После Богојавлението тој престанува со пеење на поп песни, престанува со практика на нова епоха учењата и преку Светиот Дух искусува духовна трансформација. Без религиозна пропаганда и влијанија, Константин започнува да сведочи, да евангелизира, и да досегнува до многу луѓе за Христос на нерелигиозен начин. Во 2013 година заедно со неговата сопруга Милена се помазани за Пастори и од тогаш ја спроведуваат Мисијата Живо Христијанство според насоките кои ги добил од Бог дека „Има многу храмови, но празни се, потребни се живи храмови, Живо Христијанство.“
Константин пред да се посвети во христијанството бил практикнат и промотор на нова епоха учењата, преку практикување на медитации, реики, исцелување со прана и космичка енергија, биоенергија, астрални проекции и друго. Тој ја разбира потребата на луѓето од просветлување, копнеж за духовно да помагаат на други луѓе, примената на техники за самопомош, духовно изградување и ги насочува по правиот Пат на Светлината. Заради неговото искуство во работењето со луѓе кои се занимавале и страдале од окултистички влијанија, денес како Пастор има јасен увид и препознавање на делата на ѓаволот кои се наметнуваат во христијанските средини. Тој вели дека ѓаволот највеќе се обидува да ги напаѓа христијаните кои се новородени и го спроведуваат авторитетот на Името на Господ Исус Христос. Преку даровите на Светиот Дух, Константин ги препознава окултистичките и мистичните нечисти учења низ Црквите, демонските влијанија, чародејствата, магиските дејствија и сите форми на темнината кои се обидуваат да ги заведуваат верниците. Со цел да ги разобличи овие состојби и да ги обучи верниците да се справуваат против злото со помош на Светиот Дух и во име на Господ Исус Христос, тој често патува низ регионот и светот на покана од различни Цркви.
Службите преку кои Пастор Константин е најчесто активен се:
· Исцелителна служба преку ослободување на демони, маѓии и проклетства;
· Славење на Божјото Име низ авторски и автентични песни;
· Тренинг и обучување во групи за духовна оперативност во верата преку исцелување, пророкување, ослободување од демони, проповедање на Евангелието итн.
Денес Константин е Пастор и Епископ на Христијанска Црква Блага Вест во Р.М. со седиште во Скопје. Неговата Мисија Живо Христијанство во склоп на ХЦ Блага Вест во РМ вклучува пророчко славење, исцелување и ослободување, а слоганот на Мисијата Живо Христијанство е „Живеј духовно, а не религиозно.“ Како служител, тој формира Цркви, организира Библиски школи, Духовни кампови и Поклонички патувања, поттикнува молитвени групи, и одржува духовни активности во Црквата, како и различни семинари за екипирање на луѓето во духовната сфера како: Ослободување од демони, Ослободување од маѓии и проклетства, Крштевање во Вода и Дух, Исцелување на луѓето, Дарови на Светиот Дух, Нова ДНК, Духовен Менаџмент, Молитвени минути, Ремоделирање, Слобода, Духовна Генералка и многу други.