Нашиот систем на верување е многу важен, бидејќи може да мотивира или демотивира. Верувањата се важен двигател на човекот како што возот е придвижен од горивото, така верувањата се горивото кои го движат менталниот процес на размислување. Тие создаваат убедувања и концепти како шаблон по кој размислуваме.
Погрешните верувања се оние кои го ограничуваат, контролираат и потиснуваат човекот и неговите потенцијали.
Повеќето верувања се формирани од раното детство кога детето восприема изјави, однесувања, насочувања од родителите, роднините, пријателите, воспитување од наставниците или општеството, но истите се надополнуваат во текот на животот врз основа на новите животни искуства и влијанијата на кои сме подложни.
Она во кое веруваме тоа го доживуваме емоционално, тоа го замислуваме визуелно на нашиот внатрешен екран, тоа го изјавуваме со зборовите, тоа што го веруваме влијае на тоа како се однесуваме.
Научните истражувања докажуваат дека умот на човекот може да биде програмиран за да достигнува успех како компјутер кој работи по одредена програма, а тоа се случува преку промена на верувањата, промена на начинот на размислување и зборувањето. На овој начин се променуваат навиките на самоограничување и се воспоставуваат нови концепции кои овозможуваат репрограмирање на нашиот внатрешен систем на верувања.
Конструктивното верување овозможува цврста волја и кога ти доаѓа да се откажеш бидејќи си соочен со твоите органичувања, тогаш верувањето се манифестира со цврста волја која вели: “Можеш, не си сам, во љубовта е силата, а ти ја имаш сета љубов на овој свет за да успееш”. Цврстата волја е резултат на одлучност која се раѓа од она во коешто ти веруваш. Ако имаш библиско верување во Бога тогаш имаш начин да ги надминеш тешките предизвици во животот, обврските, да ги достигнеш поставените цели и да доживееш големи резултати и успеси.
Верувањето во Бога, развива и ослободува потенцијали за кои не си бил свесен дека се можни и присутни во тебе, зашто потпирањето врз она во кое веруваш и практикуањето на тоа што го веруваш создава упорност во тебе. Во историјата не секогаш биле успешни луѓето кои биле физички силни, талентирани и способни, туку оние кои биле смели упорно да се движат и да го практикуваат она во коешто веруваат, како што малиот Давид го победи џинот Голијат. Такви победи се возможни само со верата во Бог кој е постојан, верен , Милостлив и полн со љубов. Божјата љубов искусена преку Христос и Неговото извршено дело на крстот, ги крши оковите на човекот со кои бил поробен, а тоа се стравот, гревот, предрасудите, омразата, отфрленоста, вината, погрешните верувања и друго.
Менаџирањето на личните верувања овозможува не само отфрлање на суеверија, колективни општоприфатени шаблони на размислувања, самоограничувачки, лажни и пагански верувања, туку и замена на истите со Библиски верувања кои овозможуваат да се спознае Божјата совршена волја за човекот. Многу психички заболувања се одлика на лажни и погрешни верувања, соодветно со воведување на Библиски верувања во нов начин на размислување се овозможува исцелување на човекот и неговото сознание.
